КОЈ СУМ ЈАС?
Засегнат центарец кој 33 години гледа како квалитетот на живот во општината преоѓа од подобар кон полош. Љубител на зеленило, велосипедизмот и стриповите. Активист и поборник за квалитетен живот, здрава животна средина, еднакви права и можности за сите. Истражувач на јавни политики, со фокус на јавната администрација и социјалните политики. Политиколог кој го интересира делувањето и политизирањето на политичките партии но не и членувањето во нив.
ЗОШТО СЕ КАНДИДИРАМ СО ШАНСА ЗА ЦЕНТАР?
Затоа што квалитетот на живот во општината е драстично опаднат. Се виде дека функционирањето на големите политички партии не дава резултат на локално ниво. Како поединци/граѓани, верувам дека можеме многу повеќе да ги воочиме и да реагираме на секојдневните предизвици и проблеми со кои се соочува општината. Ригидноста на големите политички партии не дозволува флексибилност на идеи во функционирањето на општината, па затоа најдобар начин во овој момент да ги оствариме своите потреби за подобар квалитет на живот е преку независна советничка листа. Верувам дека заслужуваме повеќе од (неостварени) програми кои нудат асфалти и улично осветлување.
ШТО МОЖАМ ДА НАПРАВАМ ЗА ЦЕНТАР?
Можам да придонесам за похуман Центар преку креирање на зелени политики за зголемување на зеленилото, намалување и смирување на сообраќајот, воведување на нови велосипедски патеки и зголемена грижа за животните во Центар.