КОЈ СУМ ЈАС?
Дебармаалски локал-патриот, татко на 3 деца и сопруг, а имам и куче. Роден и израснат на пазарче Буњаковец. Фриленсер во хороскоп, заработувам од конференциски превод, ТВ продукција и раководење со граѓански проекти, а понекогаш знам и да си играм на берза. Креатор и продуцент сум на Фчерашни новости, а како преведувач сум преведувал за Европска Унија, Совет на Европа, Хашки трибунал и кој сè уште не. Во претходниот живот сум работел и како новинар и радиоводител во Радио Урнебес и Радио НОМА. По природа сум демократ и слободоумен. Се залагам секој да си го живее животот како што сака.
Отворен сум за нови идеи и сакам да слушнам туѓо мислење, иако можеби нема да се согласам со него. Сакам нови работи и секогаш ме интересира што има позади хоризонтот. Ако не морам, не палам кола – возам точак. Од школо имам завршено економски факултет во Скопје, пост-дипломски студии по комуникации во САД и Дебармаалска улична академија. …и никогаш не сум бил член на ниедна партија!
ЗОШТО СЕ КАНДИДИРАМ СО ШАНСА ЗА ЦЕНТАР?
Затоа што ми е преку глава од Курто и Мурто! Затоа што мислам дека заслужуваме да видиме нешто поразлично од она што било до сега. Затоа што знам дека екипата што се собра околу оваа инцијатива, не ја интересира личен профит, туку сака да покаже дека може и поинаку. Затоа што секогаш ги обвинуваме политичарите дека се неспособни, а кога ќе не прашаат – па еве ти си способен, што не влезеш, викаме – „а…, мене не ме интересира политика“. Епа мене ме заинтересира! Доста беше седење на трибини и викање „уа судија… тапа сте… не ве бива за ништо“. Време е да се истрча на терен и да се покаже како треба!
ШТО МОЖАМ ДА НАПРАВАМ ЗА ЦЕНТАР?
Да придонесам Центар да биде модерна населба каде ќе биде убаво да се живее. Каде граѓаните, а не партиите, ќе одлучуваат како да им изгледа населбата. Сакам општината да се грижи за животната средина, затоа што тоа е пресудно дали утре животот ќе ни биде квалитетен. Сакам општината моите пари да ги троши домаќински. Сакам на децата да им оставам подобра средина од онаа во која јас живеам.