02 - Divna Pencic

Дивна Пенчиќ

divnapencic@yahoo.com

КОЈА СУМ ЈАС?

Архитектка од 1994 година и професор на Архитектонскиот факултет  на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Својата професионална кариера ја започнав работејќи кај истакнатиот турски архитект Џенгиз Бекташ во Истанбул, кој силно влијаеше врз мојот начин на работа и перцепција на архитектурата. Пред започнување на академска кариера во 1998 година, работев во неколку приватни архитектонски студија, истражувајќи ја практиката. Предметите кои ги предавам се од областа на урбанизмот, со фокус на одржливиот урбан развој. Својот професионален ангажман дополнително го збогатувам со соработка со невладиниот сектор и меѓународните организации (УНДП, Светска банка, ГИЗ, РЕЦ, Хабитат-Македонија), работејќи на широк спектар на проекти од: инклузивен дизајн, архитектонско наследство, одржливи градови, граѓанско учество, итн. Најзначајните проекти во кои имам учествувано се: „Замисли град – дискусија за (отворање) на процесот на планирање на градот“, „Незавршени модернизации – помеѓу утопија и прагматизам“, „Оживување на градските плоштади на балканските градови”, „Студија за воспоставување еколошки коридори низводно реката Лепенец и Серава“, „Студија за одржлив урбан развој на супстандардни населби”, „Модерна за деца“ и др. Но, најзначајна за мене е работата со НВО „Коалиција за одржлив развој“, проектите и активностите кои сме ги оствариле.

ЗОШТО СЕ КАНДИДИРАМ СО ШАНСА ЗА ЦЕНТАР?

Досегашното владеење на партиите сосема го измести фокусот на одговорностите и работата на локалната самоуправа. За прашањата од интерес на локалната заедница и граѓаните, сметам дека треба да се одговорни граѓаните. Граѓаните треба да се непосредно вклучени во креирање на политики за раководење и развој на општините, за детектирање на проблемите и барање решенија, како и за раководење и контрола врз спроведувањето на донесените одлуки, програми и проекти. Оттука, вклучувањето на советници кои не му должат никому и не се врзани со партиски интереси, е за мене вистинската можност за менување на сликата, во позитивна смисла, и создавање на граѓански општини.

ШТО МОЖАМ ДА НАПРАВАМ ЗА ЦЕНТАР?

Моето професионално искуство, но и искуството од активно делување како граѓанка која не чека некој да ѝ го направи она што и е потребно во нејзината заедница, туку се вклучува во планирање и реализирање, сметам дека можам дополнително да го вложам во учество во советот на општината и да придонесам за подобро креирање, планирање, мониторинг и реализација на подобра и поквалитетна градска средина.