09 - Natasha Kolekjevska Georgievska

Наташа Колеќевска Георгиевска

nkolekevska@gmail.com

КОЈА СУМ ЈАС?

Жителка на Центар од својата 12 година. Преведувач и толкувач повеќе од 20 години. Магистер по европски студии. Пред да станам „freelancer“ имам работено во образование, во државна администрација и во невладиниот сектор. Мојата професија ми нуди ширина, пристап до мноштво информации од најразлични области и контакти со најразлични луѓе од сите можни сфери и слоеви на општеството. Секако тоа не ме прави експерт за сè, напротив знам дека не знам сè и дека постојано мора да учиме и да се бидеме отворени за нови и различни идеи.

ЗОШТО СЕ КАНДИДИРАМ СО ШАНСА ЗА ЦЕНТАР?

Затоа што верувам во луѓето што се дел од оваа листа. Верувам во нивната добра и искрена намера и желбата да помогнат преку добро владеење да се обезбеди поквалитетен живот во Центар за сите негови жители. Затоа што со години велам дека за нешто да се смени најпрво треба да се почне од себе. Затоа што наместо вечно да чекаме да се појават тие некои имагинарни добри и чесни политичари, директно и со сопствен ангажман да помогнам со нашата општина да се раководи чесно и одговорно. При тоа место профит, на прво место да се стави квалитетот на животот на сите оние што живеат, работат, учат, поминуваат дел од денот во нашата општина.

ШТО МОЖАМ ДА НАПРАВАМ ЗА ЦЕНТАР?

Можам да размислувам со своја глава, да сослушам, да признам грешка, да се информирам и заедно да се обидеме да најдеме вистински решенија за сите нас. Не можам да ветам чуда, но можам да ветам одговорност и работа. Сакам да помогнам да изградиме солидарност меѓу нас граѓаните на Центар, при што нема да не интересира само нашиот сопствен простор до влезната врата туку и соседите и целото маало. Сакам да помогнам да ја доживуваме нашата општина како дом во кој се чувствуваме пријатно и безбедно, а не само како извор за некаков профит, без никаква грижа за нејзините жители. Сакам да помогнам да изградиме општина која ќе овозможи хумано живеење за сите.