17 – Mileva Zlatanovikj

Милева Златановиќ

mikizlat@yahoo.com

КОЈА СУМ ЈАС?

Милева (Мики) Златановиќ родена центарка, дипломиран правник, долгогодишна новинарка, од неодамна пензионерка. Граѓански активист, екологист, правдољубива личност и голем професионалец. Во мојата кариера како новинар, долги години бев уредник на Скопска (градска) рубрика во дневниот весник „Нова Македонија“, што ми овозможи да стекнам знаења како функционира локалната самоуправа, да се соочам и фатам во костец со сите градски проблеми. Една сум од основачите на сега државната манифестација „Денови на пролетта – денови на екологијата“, што скромно со група новинари ја почнавме 1990 година, со која го стекнав знаењето за екологијата, чистата животна средина и што тоа значи за еден град. Како главен уредник на „Порта3“, дружејќи се со наши и странски архитекти, градежни инженери, имав прилика поподробно да научам што е урбанизам, урбанистичко планирање, воопшто архитектура градежништво. Како член на неколку невладини организации, особено долгогодишната активна работа во Коалиција за одржлив развој – Скопје, стекнав големо знаење и искуство во областа на односи со јавност, ПР маркетингот, организирање на настани, реализација на проекти. Иако пензионерка, не значи дека ќе се пензионирам од јавниот живот. Подготвена сум за нови предизвици.

ЗОШТО СЕ КАНДИДИРАМ СО ШАНСА ЗА ЦЕНТАР?

Општина Центар како централно градско јадро на главниот град заслужува шанса. Тоа е место на сите најзначајни општествено-политички и културни збиднувања. Токму поради тоа општина Центар заслужува свежа крв, интелектуална сила која ќе го смени начинот на живеење и размислување. Напуштање на старата шема две партии, кои постојано меѓусебно се обвинуваат, притоа не обидувајќи се доволно да ги вратат работите на нормален колосек. Свежата сила, не значи само младост, туку искуство, познавање од повеќе области, но и живеење во центарот на Скопје. Општината заслужува повеќе зеленило, подобро урбанистичко планирање, ставање крај на дивеењето на инвеститорите под закрилата на моќта и моќниците, во име на квадрат повеќе, трајно спречување на градењето на диво. Централното градско јадро е и повеќе од осакатено, осквернавено и токму затоа тука е Шанса за Центар, како коректив на досегашните политики.

ШТО МОЖАМ ДА НАПРАВАМ ЗА ЦЕНТАР?

Би работела на подигање на јавната свест за тоа што значи јавен простор, зелена површина, парк, каква треба да е хигиената на јавните површини. Но, и подобрување на културниот живот, интересирањето на пензионерите за сè што се случува во општината. Поголема интеракција со жителите и детектирање на проблемите коишто ги мачат, што е теренска работа. Решавање на проблемите, по можност во соработка со повисоките инстанци на власт, но и со самите граѓани, кои треба да се свесни за својата моќ. Подигање на повисоко ниво на значењето на референдумот, како моќна алатка во решавање на прашањата кои не засегаат. Вклучување на сите од 7 до 77 години во работењето на месните канцеларии, како основна клетка на локалната самоуправа, што подразбира теренска работа и секојдневен контакт со граѓаните.